Став

Обраќање на поранешниот претседател Бранко Црвенковски на Регионалната конференција "Проширување на ЕУ на крстопат"


Почитувани дами и господа,

 

Дозволете и јас со неколку реченици да се обратам пред овој респектабилен состав на присутни учесници и ценети гости.

Би започнал со две констатации за кои верувам дека сите ќе се согласите:

 

1.Во сите земји од Западен Балкан, без исклучок и без разлика кој е на власт а кој во опозиција, постои широк политички, етнички и општествен консензус за заедничка иднина во рамките на Европската Унија.

Овој факт заслужува да биде посебно истакнат и почитуван, уште повеќе имајќи го во предвид нашиот менталитет и нивото на демократизација и политичка култура кои многу често не оневозможуваат да постигнеме елементарен политички компромис, а камоли широк национален консензус за многу други важни прашања битни за животот на нашите граѓани.

 

2.Во ниту еден званичен став, во ниту една официјална изјава било на претставници на европските институции во Брисел, било на националните власти во земјите членки на Унијата не се оспорува Европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Се разбира, со одредена динамика која ќе зависи од спроведените реформи и исполнетите критериуми и стандарди од секоја држава поодделно.

 

Значи, од една страна сите ние од Западен Балкан сакаме да станеме дел од ЕУ и од друга страна самата унија и нејзините членки ја проектираат иднината на државите од нашиот регион низ  процесот на сопственото проширување во рамките на Европската Унија.

 

Тогаш каде е проблемот? Ако се овие констатации точни и ако сме сите искрени, зошто воопшто се доведува под прашање брзината на процесот на проширувањето?

 

На што се должи целата оваа загриженост  па дури и стравување, кои можевме да ги слушнеме  и во денешните обраќања на учесниците на оваа конференција?

 

Јас знам дека Европската Унија  се соочува со свои внатрешни проблеми и со потребата  од сопствено реформирање, а се со цел да стане поефикасна, поуспешна, посилна.

Свесен сум и за глобалните актуелни предизвици и потребата од репозиционирање на Унијата во однос на изменетите околности на светската политичка, економска и безбедносна сцена.

 

Не се согласувам, но можам да најдам одредено разбирање дури и за тврдењата дека додека не се најдат одговорите на овие прашања и предизвици, проширувањето треба да биде симнато подолу на листата на приоритети.

Но, ако  го земеме примерот на мојата земја, на Македонија, ние не говориме  за полноправно членство, туку за почеток на пристапните преговори, процес кој можеби ќе трае и 10на години.

Република Македонија својот кандидатски статус го стекна во далечната 2005та година, пред цели 14 години.

 

Оваа година ја добивме десеттата  по ред,  јубиларна препорака од страна на Европската комисија за почеток на преговорите.

Девет пати препораката не беше прифатена, а ние стравуваме дека тоа може да се повтори и по 10ти пат на јунскиот самит.

Зарем е можно земјите членки да демонстрираат толкава недоверба во извештаите и препораките на сопствената и од нив избрана Европска комисија?

 

Минатата година се потпиша Преспанскиот договор со кој се надмина повеќедеценискиот спор со Република Грција и се елиминираше (или се мислеше дека се елиминира) најголемата пречка во процесот  на нашето Евро и Евро-атланско интегрирање.

Отстапката која од наша страна се направи, промената на нашето уставно име и тоа за севкупна употреба беше болна и драматична за голем број наши граѓани што се потврди и на референдумското изјаснување.

Но главниот, многу често и единствен мотив, на оние кои што го подржаа Преспанскиот договор, беше потребата да се деблокира процесот на наше интегрирање во Европската Унија. Недобивањето на датум за почеток на преговорите во јуни ќе предизвика големо разочарување но и, (тоа сакам отворено да го кажам) сериозно нарушувње на кредибилитетот на Европската Унија и на македонската влада во очите на македонскиот народ и сите граѓани на нашата земја.

Ние не бараме незаслужена награда, туку бараме и очекуваме да ни се пружи заслужена шанса да го отпочнеме процесот.

Јас сум свесен дека на домашен план имаме големи слабости во многу области.

Јас знам дека некои од неопходните реформи доцнат или се спроведуваат со дискутабилен квалитет.

И од тој аспект гледано не можеме да ги оспориме забелешките и  критиките  кои како на земја ни се упатуваат од страна на европските претставници.

 

Но, по мое длабоко убедување, токму отварањето на преговорите, перманентната комуникација и соработка, инсистирањето на исполнување на неопходни услови, наметнување на рокови, мониторирањето на спроведеното од страна на експертските тимови на ЕУ, ќе биде најголемиот импулс за спроведување на брзи и квалитетни реформи и исполнување на неопходните критериуми и стандарди.

 

Не сум горд на ова што ќе го кажам и однапред се извинувам  на сите кои што нема да се согласат со мене, но ние од овој регион, често пати не сме подготвени  ниту пак имаме волја да спроведуваме сериозни и болни реформи, (а клучните реформи се воглавно болни) ако не сме изложени на сериозен притисок од надвор.

Ете, затоа верувам дека за сите нас процесот на преговори  е исто толку важен, ако не и поважен од самиот чин на пристапување во полноправно членство во Европската Унија.

 

Почитувани дами и господа,

 

Подгоричкиот клуб е клуб на поранешни претседатели и премиери на земјите од регионот.  Да се биде поранешен претседател или премиер значи дека се говори во свое лично име, а не во име на официјалната власт на државата. Тоа не ја намалува одговорноста но ја зголемува слободата во искажувањето на сопствените ставови.

Затоа денес, без да ја заборавам одговорноста ќе ја искористам таа поголема слобода и ќе порачам:

Доколку ова лето не добиеме датум за преговори, за мене тоа ќе биде доказ за отсуство на лидерство и визија  во рамките на Европската Унија.

И не само визија за иднината на Западен Балкан, туку и визија за иднината на самата Европска Унија и целиот европски континент.

Искрено се надевам и од се срце посакувам тоа да не се случи.

 

На самиот крај на ова мое обраќање но и на денешнава конференција сакам уште еднаш да истакнам дека членовите на Подгоричкиот клуб, усогласија и донесоа заедничка декларација која на сите вас, почитувани гости  и претставници на медиумите ви беше поделена пред почетокот на конференцијата.

Декларацијата ќе биде доставена до највисоките институции на Европската Унија,  но и на националните власти на земјите членки на Унијата.

Ова е нашиот скромен придонес кон создавањето на позитивна клима и зголемувањето на сознанието за важноста од интензивирање на процесот на проширување за сите земји од нашиот регион.

Почитувани членови на Подгоричкиот клуб, ваши екселенции, почитувани претставници  на медиумите, ценети гости.

Ви благодарам за учеството и присуството  на денешната регионална конференција, „Проширувањето на ЕУ на крстопат.“

 

 

 

Претходни текстови

Писмена изјава за јавност на поранешниот претседател на Република Македонија, г-дин Бранко Црвенковски

среда, 12 септември 2018