Став



Писмена изјава за јавност на поранешниот претседател на Република Македонија, г-дин Бранко Црвенковски

 

 

Почитувани граѓани на Република Македонија,

 

На 30ти септември јас ќе излезам на референдумското изјаснување и ќе гласам ЗА!

Ќе гласам ЗА, не затоа што мислам дека Преспанскиот договор е голема победа и успех, туку затоа што сметам дека е нужност од која во даденава ситуација нема бегање.

Ќе гласам ЗА, не затоа што мислам дека неговото спроведување нема да предизвика негативни последици, туку затоа што негативните последици од неговото пропаѓање ќе бидат несразмерно поголеми.

Нормално е дека кај секој разумен и одговорен човек кога се работи за вака важно прашање постојат дилеми. Деновиве многумина ме прашуваа дали јас би потпишал таков договор. Мојот одговор е дека во овој момент тоа е апсолутно небитно.

Потписот е ставен и после тој чин враќање назад нема. Ниту во иднина оваа или некоја друга грчка влада ќе се откаже од стекнатите позиции со овој договор, ниту меѓународната заедница (барем оној дел кон чие друштво се стремиме) ќе има разбирање за таквата наша несериозност и неспроведување на превземените обврски.

Постојат многу причини зошто сум длабоко убеден дека Евро-атлантските интеграции се единствената добра опција за нашата иднина. Повеќето од нив се безброј пати повторени и објаснети во јавноста.

Во оваа прилика ќе споменам само две кои, според мене, не се доволни елаборирани:

  1. За жал, во овие 27 години ние покажавме дека немаме сопствен капацитет да спроведеме квалитетни реформи во општеството без сериозен притисок и мониторинг од надвор. И за тоа чувствувам и голема лична одговорност. Со други зборови, ако сакаме средена и уредена држава, процесот на наше интегрирање во НАТО и пред се во ЕУ и исполнувањето на зададените норми и стандарди низ тој процес е, ако не целосна гаранција тогаш сигурно нашата најдобра шанса и можност за остварување на таа цел.
  1. Добрите меѓуетнички односи се клуч за стабилноста и предуслов  за се друго во Република Македонија. Евентуалната подолготрајна наша бесперспективност на планот на Евро-атлантските интеграции, наспроти успесите на овој план кои ги прават и ќе ги прават нашите соседи, порано или подоцна  ќе претставува потенцијален ризик за нашата внатрешна стабилност. Тој ризик мора благовремено да го елиминираме.

 

Почитувани граѓани,

Знам дека имате многу причини за незадоволство од функционирањето  на актуелната власт. Знам дека имате уште повеќе причини за незадоволство од функционирањето на сите досегашни власти.

Но односот кон политичарите и политичките партии се искажува на избори.

На 30ти септември е нешто сосема друго. На овој референдум ќе се одлучува, не кој ќе владее, туку кој пат кон иднината  како држава ќе го избереме.

На 30ти септември, и покрај сите мои тешки внатрешни дилеми ќе го послушам сопствениот разум и ќе гласам ЗА!

Претходни текстови

ПО ПОВОД 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА КИРО ГЛИГОРОВ Обраќање на Комеморативната седница 03.01.2012

вторник, 02 мај 2017

Драги пријатели, ценети гости, сите вие присутни почитувачи на Киро Глигоров и неговото дело,


Што да се каже по еден ваков повод за еден ваков човек, а да не е премалку, да не е оскудно, да личи, да е соодветно и за личноста и за од неа оствареното.


Па само споменувањето на клучните историски настани во кои учествувал, само набројувањето на најодговорните должности што ги извршувал низ животот би траело со часови. И пак нешто важно би се пропуштило.


Киро Глигоров беше сам за себе историја што чекори, ем жив човек, ем споменик за цела една епоха.


Како никој друг со својата личност и придонес ги поврза двата столба на современата македонска државност-АСНОМ 1944та и 8ми септември 1991та.


Република Македонија под лидерство на Киро Глигоров се избори за својата независност и меѓународно признавање без војна и крвопролевање, единствена од сите републики на поранешна Југославија.


Па само ова е доволно да се стане мит, да се стане легенда.


Се разбира ако ние како народ знаеме да создаваме, да чуваме и почитуваме вистински митови.


Јас денес пред вас нема да ја препрочитувам биографијата на Киро Глигоров. Таа ни е на сите добро позната. Таа е таква и толкава што кој и да ја крати и скусува пак ќе остане највпечатливата во современата македонска историја.


Јас денес сакам да говорам за Киро Глигоров онаков каков што јас го запознав во овие 20 години, со кој соработував и од кој учев.


За Киро Глигоров кого го сакав и почитував како голем претседател и што е за мене уште поважно како голем човек.


Судбината одреди во почетокот на 90те Македонија да ги има најстариот претседател и најмладиот премиер во Европа. Киро често пати на шега ќе  ми речеше: „Бранко, јас и ти заедно во  просек сме тамам.“


Многу работи поминавме заедно. И добри и лоши моменти. Не мачеа истите дилеми, заедно решававме тешки проблеми, донесувавме заеднички одлуки.


Дури и критиките и навредите што ни беа упатувани беа и се исти. Најчесто без било каква основа и логика.


Затоа што Киро Глигоров беше вистински и искрен македонски патриот.


Го обвинуваа него а и нас дека референдумското прашање од 8ми септември било југоносталгичарски формулирано. А мотивите беа сосема спротивни. Прашањето беше така поставено за да референдумот со сигурност успее и Македонија со сигурност стане независна држава.


Го обвинуваа него а и нас дека сме предавници и плашливци затоа што сме дозволиле ЈНА да ја напушти Македонија со сето оружје и целокупната опрема. А неговиот одговор беше толку човечен и логичен: „Колку тенкови или камиони вреди  еден човечки живот? Нема да дозволам за куп железо да ни гинат луѓето и да ни страда народот.“


Што е тоа: предавство или напротив вистински патриотизам?


Храброст или плашливост?


Го обвинуваа и него, а и нас дека сме направиле предавство со приемот во ООН под времената референца и со потпишувањето на времената спогодба со Грција.


А единствениот избор  пред кој бевме исправени  во тоа време беше или членство под тие услови или да останеме недефинирана територија и лесен плен за балканските прекројувачи на граници.


Денес за најголем успех и победа се прогласува токму одбраната на таа времена спогодба пред меѓународниот суд во Хаг.


Денес за крајна цел на нашата меѓународна политика се поставува приемот во НАТО и отпочнувањето на преговорите со ЕУ токму под таа референца.


Киро Глигоров беше храбар човек. Затоа што вистинска храброст е да ја превземеш одговорноста и да донесуваш храбри и тешки одлуки, а не да ги одлагаш проблемите. А тој го правеше токму тоа, секогаш кога беше потребно.


Впрочем има ли поголем доказ за патриотизмот и храброста од фактот што на Претседателот Глигоров му  се случи атентат. Обид да му се одземе животот не заради него, туку заради Македонија.


Киро Глигоров имаше огромна доверба во мудроста и решителноста на нашиот народ.


Се сеќавам на ситуацијата кога во 1993та Грчката влада донесе одлука да воведе ембарго на нашата јужна граница. А на север беа на сила санкциите спрема Србија и Црна Гора. Две од нашите четири граници беа целосно затворени и тоа единствените каде имавме железничка линија и автопат. Веста ме затекна во Струмица на разговор со стопанственици.


Веднаш се вратив во Скопје на итна средба со Претседателот Глигоров. „Претседателе што правиме? Отсечени сме од светот? Ќе нема нафта, ќе нема лигнит, ќе нема транспорт, се ќе застане?“ Загрижен, но мирен и спокоен каков само што тој можеше да биде во критични моменти ми одговори: „Ќе биде тешко, ќе биде многу тешко! Ќе запрат, многу фабрики, ќе останат многу луѓе без работа. Ама нашиот народ знае што е влогот, знае дека државата е во прашање. Биди сигурен дека ќе издржиме!“


И навистина издржавме!


Киро Глигоров беше човек демократ, човек на политичкиот дијалог и толеранција.


Не веруваше дека постои сериозен проблем кој мора да се реши со сила и на сила, а не може да се реши со политички средства.


Тој не знаеше да нареди, тој знаеше да убеди.


Од него луѓето кога ќе згрешеа не се плашеа туку се срамеа. Од средбите со него можевте да излезете со неприфатени барања но секогаш со чувство дека сте докрај испочитувани. Имаше време за секого. Јас во животот немам сретнато друга личност со таква дарба трпеливо да слуша и да сослуша.


Претседателот Глигоров беше човек со визија за иднината на Македонија. Тој прв и тоа во периодот кога сите околу нас беа зафатени со национализам и војуваа заради историја и граници, ја промовираше и ја застапуваше идејата за наше интегрирање во Европската унија и НАТО Алијансата.


Киро Глигоров беше добар познавач на меѓународната политика. Беше свесен дека сме премногу мали да се спротивставиме на глобалните трендови и дека нашата шанса е благовремено да ги предвидиме и со умешна политика максимално да ги амортизираме негативните, а валоризираме позитивните ефекти.


Во тоа време како премиер се сретнав со многу претседатели на држави и влади, со бројни претставници на меѓународни организации. Верувајте, се чувствував горд како Македонец, како граѓанин на оваа земја кога слушав со каква почит и уважување говорат за нашиот Претседател. За големиот Претседател на една мала земја. За мојот претседател.


Киро Глигоров, основоположникот, архитектот, таткото на независна Република Македонија во овие 20 години претрпе бројни  неправди и жестоки удари. Знам дека некои од нив многу тешко му паѓаа.


Пред 4 години бевме на прославата на неговиот 90ти роденден во потесен круг на неговите најблиски роднини и пријатели. Додека траеше дружбата, во еден момент се сврти и по малку тажно ме праша: „Бранко, зошто толку ме напаѓаат и навредуваат? Зарем толкави грешки имам направено?“


Да бидам искрен и ме изненади и ме погоди со прашањето. По малку на шега, а повеќе сериозно му одговорив:


„Претседателе, вашата најголема грешка е што сте уште жив, а во Македонија и на Балканот живи херои и великани не се признаваат! Дури кога ќе ги изгубиме луѓето стануваме свесни за нивните вистински вредности и им го наоѓаме правото место во историјата!“ Се насмеа и рече: „Ајде ќе видиме.“


Е па мој драг Претседателе, еве од вчера повеќе не си меѓу нас, те изгубивме. Ајде да видиме. Да видиме дали сме луѓе и дали сме народ кој знае да ги цени вистинските вредности и да ги испочитува вистинските херои, вистинските патриоти.


Дали имаме доблест и капацитет, не заради тебе, туку заради односот кон сопствената држава да ти го најдеме вистинското место во историјата. Таму каде што припаѓаш, кај најголемите, кај великаните.


Биди убеден дека така ќе биде. Бидејќи како што ти ме учеше, овој народ е мудар народ, овој народ знае што е што и кој е кој.


Што се однесува до нас во Социјалдемократскиот сојуз, ти секогаш ќе бидеш број 1.


Горди сме што те имавме во нашите редови, што делевме исти идеи, што водевме заеднички битки, што спроведувавме заеднички политики.


И сега нешто сосема лично, Мој претседателе, ми беше чест што ве познавав, што ви помагав и соработував со вас. Ви благодарам на секој ваш совет, на поддршката што ми ја дававте и довербата што ја имавте во мене.


Се гордеам со се што заедно постигнавме, со секој момент што заедно го поминавме.


Почивај во мир,


мој учителу,


мој пријателе,


мој драг претседателе!