Публикации

Да се роди нова визија е еден од најголемите предизвици во историјата. Визиите не се раѓаат лесно, но уште потешко се прифаќаат и остваруваат. Оваа книга е сведоштво за напорите да се оствари една визија за иднината на нашата земја. Оваа книга е повеќе од документарен запис за еден претседател и неговото време, време на подеми и падови, на успеси и разочарувања. Бранко Црвенковски беше претседател на Република Македонија во едно сложено време, време на предизвици, во кое се случија значајни настани кои оставаат силна трга во нашата историја, но и на нашата иднина.

Да се роди нова визија е еден од најголемите предизвици во историјата. Визиите не се раѓаат лесно, но уште потешко се прифаќаат и остваруваат. Оваа книга е сведоштво за напорите да се оствари една визија за иднината на нашата земја. Оваа книга е повеќе од документарен запис за еден претседател и неговото време, време на подеми и падови, на успеси и разочарувања.

Бранко Црвенковски беше претседател на Република Македонија во едно сложено време, време на предизвици, во кое се случија значајни настани кои оставаат силна трага во нашата историја, но и на нашата иднина. Во периодот на неговиот претседателски мандате (2004 - 2009 година), Република Македонија го прослави добивањето статус на кандидат за член во Европската унија, САД ја признаа нашата земја под нејзиното уставно име, се соочивме со вето на поканата за членство во НАТО на самитот во Букурешт, се работеше на воспоставување на меѓуетничката доверба и толеранција...

Бранко Црвенковски, како политичар кој беше континуирано присутен во периодот на транзицијата, ја презема претседателската функција, носејќи го со себе својот политички багаж и своето непроценливо политичко искуство. Во текот на својот претседателски манадат како стратешки приоритети за својата активност ги постави и работеше на зачленувањето на Република Македонија во Европската унија и НАТО, за чие остварување бараше и поттикнуваше целосен политички, етнички и општествен консензус и за таа цел се обидуваше да го мобилизира целокупниот општествен потенцијал.

Не помалку значајно место во неговите активности заземаа напорите за создавање атмосфера на добри меѓуетнички односи во Република Македонија. Се залагаше и работеше за воспоставување модел на функционална мултиетничка демократија во чија основа се традицијата на заедничко живеење и културата на дијалог и толеранција. Добрите меѓуетнички односи за него значеа гаранција за добра иднина на Република Македонија и најкраток пат до евроатлантските интеграции.

За време на неговиот претседателски мандат се решаваа не само значајни внатрешни туку и многу чувствителни регионални прашања. Во такви околности, тој настојуваше да даде конструктивен придонес во градењето мостови на соработка во регионот и се обидуваше да создаде што повеќе пријатели на Република Македонија во рамките на меѓународната заедница.

Како човек и како претседател сметаше дека историјата треба да се памети, од неа треба да се учи, но за своја вистинска, најголема одговорност ја сметаше иднината на граѓаните и на Република Македонија. Воден од такво сфаќање на својата улога, Бранко Црвенковски беше претседател кој не се плашеше да го каже своето мислење и кога тоа не беше популарно и во прв момент прифатливо. Не беше популист, но го почитуваше јавното мислење и поинаквиот став. Беше подготвен со аргументи да се бори за своите ставови и идеи и тогаш кога „армија” конформисти мислеа поинаку. Еден добар дел негови активности и ставови, со текот на времето, се потврдија како исправни, но, останаа и заложби и ставови кои иднината треба допрва да ги оценува.

Оваа книга е сведоштво на неговите заложби и ставови искажани во неговите говори, интервјуа, писма и други записи. Во неа се содржани најзначајните информации, фактографски и фотографски белешки за неговиот претседателски мандат, како и најзначајите говори, обраќања, настапи, интервјуа и преписки од тој период. Тие се од големо значење за разбирање на неговото и наше време. Јавните настапи на Бранко Црвенковски како претседател кој никого не го оставаше рамнодушен, популарен и силно поддржуван од едни, а оспоруван и жестоко негиран од други, секогаш привлекуваа внимание и отвораа дебата на политичката сцена.

Претседателот Црвенковски беше свесен дека обично моментите кои отвораат нови можности и шанси за нови концепции се ретки и дека тие моменти треба да се препознаат и искористат. Беше свесен и дека тие можности понекогаш зависат и од промовирањето на јасна и конкретна политичка мисла. Тоа лесно може да се прочита од некои негови блескави говори со силна реторика и мисла од која лесно се препознава неговата визија.

Затоа овие записи на неговите искажувања се вреден материал за историска анализа и оценка на неговата улога и неговиот придонес во градењето на европска Македонија, бидејќи како што самиот велеше, вистинските победници не се оние кои сами ќе се прогласат за тоа, туку оние кои историјата ќе ги потврди и вреднува.

И покрај тоа што историјата ќе го каже последниот збор, едно е несомнено: со неговите големи надежи за оваа земја, со неговите јасни, едноставни пораки, тој и по завршувањето на претседателскиот мандат ќе продолжи да влијае врз политичката мисла и дебата, а со неговиот личен стил и политичко дејствување тој влијаеше и ќе влијае врз политичарите во иднина.

Еден историчар вели дека луѓето се паметат по нивните уникатни квалитети. Бранко Црвенковски несомено ќе биде запаметен како политичар со исклучителна харизма и лидерски способности. Тој беше претседател кој знаеше дека вистинскиот политичар треба да биде и лидер, со сопствен изграден став, подготвен да ја преземе одговорноста и да ги предводи граѓаните. И како таков имаше храброст да носи одлуки и да промовира нови начини на гледање и размислување за одредени прашања.

Едно од тие прашања беше прашањето за името на земјата. Во време кога тоа се сметаше за „ерес”, претседателот Црвенковски, тргнувајќи од стратешките цели на Република Македонија, укажа на потребата од редефинирање на стратегијата во преговорите за името и промовираше обид да се дојде до разумен и фер компромис во спорот со името. Своето гледање на решавањето на проблемот со името на земјата, во контекст на европските интеграции и членството во НАТО, го засновуваше врз сознанието дека меѓународната политика е мешавина на принципи и прагматизам.

Бранко Црвенковски ќе биде запаметен како претседател кој сонуваше и работеше за европска Македонија. На едно патување, во неформален разговор, еден од нас го праша, како човек што бил и премиер и претседател, која е неговата најголема неостварена желба. И додека сите ние очекувавме дека ќе слушнеме некоја лична желба или амбиција, тој рече: „Сакам да го видам македонското знаме на двата јарболи во Брисел.” За жал, таа желба не му се исполни за време на неговиот претседателски мандат.

Оваа книга е сведоштво за неговиот сон и за искрените и несебич ни напори што ги правеше за остварување на неговата желба: Република Македонија да стане членка на НАТО и на Европската унија. Но, оваа книга е и завет за сите сегашни и идни политичари да продолжат да работат на европскиот проект.

Скопје, 18.3.2009

Проф. д-р Рената Тренеска-Дескоска

линк до целата книга