Македонија

Република Македонија се наоѓа во централниот дел на Балканскиот Полуостров (југоисточна Европа) и има површина од 25.713 квадратни километри. Нејзиниот релјеф се карактеризира со големи и високи планински масиви меѓу кои се протегаат пространи долини и рамнини.

Речиси целата територија на Македонија се наоѓа меѓу 40. и 42. географска ширина и е транзитен регион меѓу средоземноморската и континенталната клима. Климата се класификува како преодна од континентална кон средоземноморска.

Земјата се граничи со Србија и Косово на север, Бугарија на исток, Грција на југ и Албанија на запад. Таа е главен транзитен пат за испорака на стоки од Грција преку Балканот кон источна, западна и централна Европа и преку Бугарија кон Исток. Главен град е Скопје. Други поголеми градови се Битола, Куманово, Охрид, Тетово, Велес, Гостивар, Штип и Струмица.

Клима:
На територијата на Република Македонија се среќаваат следните хомогени климатски предели: субмедитеранскиот предел (од 50 до 500 метри надморска височина), умерениот континентален субмедитерански предел (до 600 метри); топлиот континентален предел (од 600 до 900 метри надморска височина); студениот континентален предел (од 900 до 1100 м.); потшумскиот континентален планински предел (1100 - 1300 метри); шумскиот континентален планински предел (од 1300 до 1650 метри надморска височина), подалпскиот планински предел (од 1650 до 2250 метри) и алпскиот планински предел (над 2250 метри надморска височина).

Природни богатства:
Со своите природни услови (геолошкиот состав, релјефот, климата, хидрографијата, почвата, растителниот и животинскиот свет), Република Македонија е една од ретките земји во Европа со големо богатство од природни вредности. Во изминатите пет децении на организирана заштита на природни реткости во Република Македонија опфатени се 74 предмети на природата во мрежата на заштитени области, коишто зафаќаат вкупна површина од 187.895 ha, или 7,30% од територијата на земјата. Во Република Македонија статус на заштитено богатство имаат: 3 национални парка, со површина од 108.338 ha, или 4,2%; 4 строги природни резервати, со површина од 12.855 ha, или 0,50%; 3 предели со посебни природни особини, со површина од 2.338 ha, или 0,09%; 14 различни растителни и животински видови надвор од природните резервати, со површина од 2.709 ha, или 0,10%; 33 природни предели заштитени во категоријата споменици на природата, со површина од 61.655 ha, или 2,4%.

Население:
2.022.547 (податоци од пописот во 2002 год.)

Етнички групи:
Најголемиот дел од населението го сочинуваат Македонци (64,18%), потоа Албанци (25,17%), Турци (3,85%), Роми (2,66%), Власи (0,48), Срби (1,78%), Бошњаци (0,84%) и останати етнички групи (1,04%)

Државно знаме: жолто сонце со осум краци кои се шират кон рабовите на црвено поле.

Јазик:
Службен јазик е македонскиот. Во општините во кои живеат етнички групи чија застапеност изнесува над 20% од вкупното население во општината како службен јазик, покрај македонскиот, се употребува и јазикот на таа етничка група.

Државна валута:
македонски денар (МКД)
Приближен курс: 1 евро = 61,1 денари; 1 УСД = 45,3 денари

Временска зона:
GMT+1

Преземено од www.mfa.gov.mk